Вести Македонија

Македонија на 36 место според слободата на медиумите

Рангирана на 36-то место Македонија бележи скок од две места во однос на минатата година и има најдобра оценка споредено со земјите во регионот, покажува Индексот за слобода на медиумите за 2024 година на Репортери без граници. Во оваа класификација се опфатени 180 држави од целиот свет.

Сепак „Репортери без граници“ забележа дека иако новинарите не работат во непријателско опкружување, раширените дезинформации и недостигот на професионализам придонесуваат за опаѓање на довербата на општеството во медиумите, што ги изложува независните медиуми на закани и напади. Беше потенцирано и дека продолжува и тенденцијата владините функционери да имаат лоши и понижувачки ставови кон новинарите.

Во однос на политичкиот контекст се наведува дека целокупното опкружување останува поволно за слободата на печатот, но владините агенции не се многу транспарентни и критичкото новинарство е сè повеќе подложно на напади.

Поради силната политичка поларизација, медиумите можат да бидат под притисок на властите, политичарите и бизнисмените и на национално и на локално ниво. Двете најголеми партии (на власт и во опозиција) создадоа паралелни медиумски системи врз кои го вршат своето политичко и економско влијание. Јавниот радиодифузен сервис нема уредувачка и финансиска независност, се вели во индексот.

Во однос на правната рамка се наведува дека земјата бавно го усогласува законодавството за медиумите со стандардите на Европската Унија, на која има намера да ѝ се придружи.

Што се однесува до социо-културниот контекст и покрај тоа што не постојат јасни ограничувања во социјалната и културната средина кои влијаат на слободното новинарство, социјалните медиуми и дигиталната сфера генерално го фаворизираат ширењето на дезинформации и сајбер-закани, се наведува во извештајот.

Во комбинација со ниските професионални стандарди, тие придонесуваат за намалување на довербата на јавноста во медиумите и го отвораат патот за напади врз новинари врз основа на пол, етничка припадност или религија, стои во индексот.

Во однос на безбедноста на  новинарите  се забележува дека тие често се мета на вербални напади, но како напредок се посочува назначување на специјален обвинител во главниот град кој ќе ги води случаите на напади врз новинарите, а се разгледува и отворањето на слични канцеларии низ целата земја – стои во Извештајот на Репортери без граници за земјава.

На Индексот за слобода на медиумите за 2024 првите три места им припаѓаат на Норвешка, Данска и Шведска, додека на дното на скалата се Иран, Северна Кореја, Авганистан и Сирија.

Нина Стефанова

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

КОД: „Пулс“ во Кочани – дивоградба претворена во кабаре без дозвола и заштита

Дејан Дејан

Доброшинци без вода во летните горештини

Дејан Дејан

Велосипедските патеки од 500 илјади евра ги поделија битолчани

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе