Љубиша Савески е лице со оштетен слух и говор на кој му е скратено правото на услуга во институции, образование и гласање. Не е сам, а овие проблеми ги дели и со други лица. Целосни статистички податоци за бројката на хендикепирани лица во државата не постојат, а според здруженијата во земјава има од 10 до 15 отсто кои имаат некаква пречка.
„Животот е тежок особено за овие лица кога имаат потреба од некоја институција. Системот не им овозможува толкувачи за да може да ги завршат своите обврски па приморани се сами од сопствен џеб да платат и да најдат толкувач но во земјава е тешко со оглед на малиот број“, вели Савески.
Проблеми, освен во секојдневниот живот, лицата со хендикеп имаат и при изборен процес, вели Савески и додава дека во време на модерна технологија може да се најде електронски толкувач. Упати апел до особено до партиите да поработат на овој проблем кога информираат за нивните програми за да ги разберат и да видат што ветуваат.
„На овие лица им е скратено и граѓанското право за информирање но и за пристап до избирачките места“, алармираат од Движењето против хендикеп „Полио плус“.
Овие лица се соочуваат и со проблеми во основното и високото образование, вели Савески и додава дека многу лица со оштетен слух сакаат да студираат на факултет, меѓутоа немаат толкувачи, а со тоа им е скратена и комуникацијата со професорите.
„Овие прашања мора да се решат за да им дадат поттик, а не да ги обесхрабрат децата и да седат дома бидејќи тоа е директна дискриминација“, вели Савески.
Симона Петровска