Лајшманиозата е комплекс на повеќе од 30 видови патогени, протозои, кои што го напаѓаат човекот и различни видови на животни, вклучувајчи го и кучето, објасни проф. д-р. Јована Стефановска од Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ во вечерашната дебата на „Топ тема“ на Телма ТВ.
„Има видови на лајшманија кои што се пренесуваат од човек на човек, меѓутоа не преку директен контакт, туку преку вектор. Векторот е еден вид на инсект, песочна мушичка, кој што е многу важен во преносот. Ги испитувавме на ниво на Македонија и докажавме дека постојат 11 различни видови од кои шест се носители на овој патоген и ја пренесуваат болеста“, вели Стефановска.
Во Македонија, истакна Стефановска, е воведена дијагностичка метода за утврдување дали кучињата развиле или ќе развијат лајшманиоза по контакт.
„Го одредуваме титарот на антитела и согласно мануелот на Светската здравствена организација за здравје на животните во кој што има интерпретација на дијагностичката метода. Ако титарот е 1,40, 1,80, тоа знали дека животното дошло во контакт со инфектот, но не значи дека ќе развие болест. Титар 1,160 значи дека веќе е воспоставена инфекцијата, титар 1,320 значи дека веќе почнуваат клиничките симптоми и веќе болеста зема замав. За такво куче веќе може да зборуваме дека станува извор на инфекција, затоа што инфектот не само што навлегол во него, туку почнал и да се размножува во тој степен што во периферната циркулација имаме амастиготни форми кои што се инфективни за песочните мушички“, изјави Стефановска.