Владата ја разгледа и усвои Информацијата од министерството за одбрана за потребата на доделување договор за набавка на повеќенаменски транспортни хеликоптери, со склучување договор влада со влада меѓу владата на Република Северна Македонија и Министерството за одбрана на Италија.
Овластена е министерката за одбрана, Славјанка Петровска, во име на владата, да го потпише аранжманот меѓу министерството за одбрана на Република Северна Македонија во име на Владата на Република Северна Македонија и Министерството за одбрана на Италија, за соработка во полето на воената хеликоптерска авијација.
Согласно потребата за реформа на одбранбениот сектор и негова интеграција во НАТО, утврдена во Стратегискиот одбранбен преглед, како што е соопштено од Министерството за одбрана, се постапува по Долгорочен план за модернизација и опремување на Армијата на Република Северна Македонија, за постигнување целосна интероперабилност со армиите на земјите партнери во НАТО.
Владата, на предлог на Министерството за одбрана, донесе Одлука за испраќање припадници на Армијата на Република Северна Македонија, за учество во НАТО мисијата „Зајакнато истурено присуство“ (Enhanced Forward Presence -eFP ) во Република Летонија.