Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и официјално ги потврди имињата на носителите на пратеничките листи кои веќе ги објавивме. Листата во првата изборна единица ќе ја предводи тој самиот, во втората носител ќе биде Владо Мисајловски, во третата Драган Ковачки, во четвртата Александар Николоски, а во шестата Дафина Стојаноска.
За петтата вели дека сѐ уште размислуваат, а како една од можните опции се спомува Ѓорѓија Сајкоски. Тврди дека ќе водат позитивна кампања и обвини дека СДСМ водат црна кампања насочена директно кон него. И покрај тоа, не верува во трета опција за гласачите.
Мицкоски вели и дека, доколку победи на изборите, е подготвен повторно да разговара и со Брисел и со Софија за отворените прашања. Но, Социјалдемократите не му веруваат.
ДПМНЕ предлага да наведнеме глава, да чекаме, да не правиме ништо и да се откажеме од нашата европска иднина. Но, што носи тоа, која е алтернативата, да се чека 11 години, како во времето на Груевски? Цената од неправење ништо е превисока и за сегашните, но најмногу за идните генерации. Вистинскиот пат за државата и за граѓаните е европската иднина, сметаат од владејачката партија.
И СДСМ деновиве работат на составување на листите. На Мицкоски во првата изборна единица ќе му се спротивстави Димитар Ковачевски, додека во втората најверојатно носител ќе биде Сања Лукаревска. Потенцијални носители во третата се Оливер Спасовски и Љупчо Николовски, додека во четвртата Венко Филипче. Во петката се очекува да биде Јован Митрески, а во шестката, Славјанка Петровска.
Рокот за внатрепартиски анализи и пазарење истекува на 2 април на полноќ, до кога кандидатските листи треба да се поднесат до Државната изборна комисија.
Далиборка Демјанска Цветановска