Членовите на Државната изборна комисија се скараа за тоа како да се вметнат податоците од последниот Попис, во математиките за избор на претседатели, членови и заменици на општинските изборни комисии.
Методологијата со упатство за избор на членовите е стара една деценија, а предлагач на измената е кадарот на ДУИ и потпретседател на ДИК, Дитмире Шеху.
Таа побара да се смени делот од член 1 каде што е наведено дека изборот по национална припадност ќе се врши според податоците од Пописот од 2002 година. Нејзин предлог е вкупно попишаното население во општините на последниот Попис, да биде основа за водење на пресметките.
На ова реплицираше членот Бобан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ, кој побара да се додаде „вкупното резидентно население од Пописот во 2021 година“.
„Ние според законот, како репер сме го зеле Пописот! избираме членови на изборните органи – како во општинските изборни комисии, така и во избирачките одбори. И Избираме членови од базата на вработени во државната и јавната администрација. Тогаш, колеги, ако сакате да бараме некоја друга база што ќе нѝ биде репер за истово! Јас немам против“ вели Бобан Стојаноски, член на ДИК.
„Јас не би ги делела граѓаните, а особено не од дијаспората. Знаеме дека тие не се таму од тоа што на нив така многу би им одговарало. Сите знаеме од какви причини се надвор од државата. Нема да речам дека е болно, но жално е што граѓаните од дијаспората ги сметаме како машинерија за гласање!“, смета Дитмире Шеху, потпретседател на ДИК.
Предлог-измената на Упатството со методологија за избор на претседател, членови и заменици во општинските изборни комисии не беше усвоена, на што потпретседателката на ДИК и предлагач на измените најави дека нема да попушти во своето барање.
„Бидејќи немаме консензус што се однесува до ова Упатство, јас ќе продолжам согласно Член 34-д и ќе се обратам до Секторот за правни работи. Но, јас ќе одам и понатаму и ќе поднесам тужба до Управен суд ако не се прифати“ дополнува Шеху.
Ова не е првпат резултатите од Пописот спроведен во 2021 година да бидат предмет на политички толкувања.
Минатата година, беа изменети процентите во алатката „Балансер“ за вработување во јавните институции и како репер се зема бројот на вкупно попишаното население, а не само резидентното.
Тогаш директорот на Државниот завод за статистика, Симовски, кажа дека податоците за нерезидентно население се само за да се добијат информации за емиграцијата од земјава и истите не може да се земат предвид при вработување во јавниот сектор.
Петар Догов