Народниот правобранител Насер Зибери изрази загриженост дека сите граѓани нема да бидат во можност да ги заменат документите со новото уставно име на државата до крајниот рок – 12 февруари. Таквиот став го поткрепи со големите гужви на пунктот без закажување на термини. Според него, во процесот на промена на личните документи има повреда на правата на граѓаните.
Омбудсманот во годишното обраќање потенцираше дека за личните документи со Република Македонија кои имаат важечки рок, а граѓаните се принудени да ги променат, трошоците треба да бидат на товар на државата.
Зибери ја оцени 2023 година како неповолна за заштита на правата на граѓаните. Особено, како што рече, за детските права, пришто го спомена убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска.
Тој се осврна и на доцнењето на учебниците, ненавременото издавање на свидетелства, не почнување на учебната година во некои училишта и неможноста деца од Албанска националност да се школуваат на мајчин јазик.