Синдикалната кошничката и пресметката која што ја имавме во изминатиот период ги даде посакуваните резултати, рече Слободан Трендафилов, претседател на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) во вечерашната „Топ тема“ на Телма ТВ.
Целта на кошничката која беше презентирана во 2011 година и беше главна причина за донесување на законот за минимална плата, како што додаде првиот човек на ССМ, беше да покаже минимум потреба на едно четиричлено семејно домаќинство, минимум основни потреби за семејството да се задоволи.
„Добивме зголемување на платите, тоа беше главен аргумент и за минималната плата и за потпишување на колективните договори. Во изминатиот период од одреден министер слушавме дека методологијата не била точна, дека на луѓето им требале далеку помалку пари да можат да живеат вол тековниот месец и решивме да направиме нова пресметка, со поддршка на двајца поранешни министри за финансии, експерти во областа“, изјави Трендафилов.
Според него, Синдикатот се ангажирал со сиот расположлив капацитет за да се направи реструктирирање на минималните потреби на едно четиричлено семејно домаќинство и истите да бидат пореални на денешнината.
„Едната пресметка беше во 2011 година, сега сме 2023 година. Сметавме дека таа е надрасната и треба да се стават дополнителни ставки кои се неопходни денеска, како на пример образование, здравство, станарина, зборуваме за храна и пијалок, за едно парче гардероба по сезона, не зборуваме да ги наполните торбите во некој мол. И затоа пресметката на синдикалната кошничка која ќе биде презентирана во четврток ќе биде пореална на денешните состојби. И таа сакаме да ни биде главен аргумент во процесот на преговарање во 2024 година, без разлика дали ќе остане оваа влада или ќе биде друга“, додаде Трендафилов и нагласи дека две минимални плати ќе бидат малку за покривање на потребите на четиричлено семејно домаќинство.