Жалба против решението за уривање на крстот во дворот на Манастирскиот комплекс „Свети Наум Охридски“ на Попова Шапка, ќе поднесат од Црковниот одбор. За Телма одговорија дека ќе постапат по институционален пат, затоа што, според нив, за поставувањето на ова верско обележје не е потребна дозвола за градба, затоа што тоа претставува урбана опрема на црковен имот.
„Добивме решение за уривање на крстот, во кое образложението е дека нема дозвола за градба. Но, сметаме дека за крстот не е потребна дозвола, затоа што се работи за урбана опрема. Ќе ги искористиме законските можности и ќе поднесеме жалба. Апелираме до граѓаните да не подлегнуваат на зачестените провокации“, велат од Црковен одбор при Манастирскиот комплекс „Свети Наум Охридски“ на Попова Шапка
Од Општинскиот инспекторат велат дека покрај ова, во Тетово има над 5 000 решенија за уривање на објекти без дозвола.
„За крстот има одлука за уривање. Кога ќе се отстрани? Во Тетово има над 5.000 решенија за уривање. Гледате дека се трудиме да работиме. Кога ќе дојде време, ќе го направиме тоа“, вели Седат Сулејмани, раководител на Општински инспекторат – Тетово
Поставувањето на крстот политичките партии постојано го користат за меѓусебни препукувања.
Денес од СДСМ побараа од коалицијата БЕСА и ДПМНЕ во општина Тетово да ја повлечат одлуката за уривање, затоа што како што велат, станува збор за верско обележје во двор на манастир, а не за објект и дека било какви провокации и дејствија може да предизвикаат тензии со сериозни последици, да подгреат раздор или поделби меѓу граѓаните.
Од Општинскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ, пак, одговорија дека одлуката не е на БЕСА и ВМРО, туку одлука на Општинскиот инспекторат, кој, како што велат, постапил по барање на коалиционен парнер на СДСМ, ДУИ и дека треба да престанат да повикуваат на смиреност, зашто тие ги предизвикуваат тензиите.
На социјалните мрежи претседателот на „Достоинство“, Стојанче Ангелов, напиша дека наместо со ова прашање, локалната самоуправа треба да се зафати со решавање на поважните проблеми на градот.
Данијела Билбилоска