Долга редица како и на првиот ден во пунктот за промена на личните документи без закажан термин.
Граѓани брзаат да се фотографираат за пасош, лична карта или возачка во ПС „Пролет“.
Некој ќе заврши работа, но некој ќе одложи – вака коментираат дел од нервозните во редот. Се чека со часови, пред вратата стојат уште од утрото.
„Чекам од утрото и уште не можам на ред да дојдам. Не ме пуштаат внатре, а оперирана сум.“
„Каде се тие дванаесет шалтери што ги најавуваше министерот затоа што чекам од 9 часот наутро, два шалтери работат и ова навистина не е во ред.“
„Луѓе чекаат од 7 часот наутро. А, кажуваат во јавност дека десет шалтери работат. На оваа гужва овде само два шалтери работат.“
„Се изживуваат со луѓето. Срамота и греота е тоа. Стари, болни, млади, деца, инвалиди, оперирани – па што е ова?!“
„Ова е жалосно и голема трагедија за народот. Па ако може Дедо Мраз и едно пакетче да нѝ донесе. Толку од мене.“
Министерот за внатрешни, Спасовски, уверува – промената на документите ќе се изврши навреме и на најдобар начин. До крајот на јануари, граѓаните ќе имаат документи со новото уставно име.
„Тој процес е интензивен. Во внатрешноста на Македонија одиме при крај со замената на личните документи. Во Скопје знаете дека се отвори новиот пункт со цел да се апсорбираат што е можно повеќе барања за промена на документите. Само во пунктот имаме 40 илјади граѓани коишто дошле и оставиле барање за промена не за еден документ туку за повеќе“ изјави министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
12 февруари 2024 година е последниот датум до кога ќе важат документите со старото име на државата.
Потоа, ниту во институции, ниту на граница, ниту пред полиција – нема да бидат валидни истите.
Петар Догов