Годинава имаме 680 микрограми на метар кубен и вкупно 97 надминувања на границата од 50 микрограми на метар кубен. И тоа е ефект што само се зголемува низ годините, рече Ѓорѓи Танушев, струмички активист на „Здрава котлина“ во вечерашното издание на „Топ тема“ на Телма ТВ во поглед на законски максималниот број на денови во годината во кои може и смее да се надминат средно-дневни концентрации од ПМ честички во воздухот.
„Не гледам дека нешто ќе се намали, со оглед на тоа што Струмица е гасифицирана општина. Речиси сите јавни институции се гасифицирани. Имаме намалување во однос на другите градови, но ние, сепак, уриваме рекорди и сме рекордери. Дури повеќе сме од Скопје, повеќе сме од Битола, од Кичево. Симптоматично е што надлежните нè уверуваат дека единствена причина е загревањето од домаќинствата, но дали Струмица користи некакви посебни дрва за загревање во однос на другите градови, па сега да имаме таков ефект“, вели Танушев.
Тој смета дека мистерија кој и како загадува треба што поскоро да се разреши. Танушев е согласен дека загадувањето претежно се врши од загревањето на домаќинствата, но активистите од „Здрава котлина“ сакаат да знаат зошто загадувањето во Струмица не е исто како и во другите градови во кои домаќинствата се загреваат со дрва.
„Владеат слични метеоролошки услови, освен кога има, во ретки исклучоци, температурна инверзија. Но, и која и кога нема, ние сме редовни на врвот. Наше уверување е дека постојат фактори, пред сè, загревањето во индустриските капацитети кои што се со елаборати. Такви се отприлика 450 капацитети со елаборати кои што загадуваат многу повеќе одошто би требало. Во изминатите години имаше случаи и на енормно загадување и од горење на дрва за загревање на пластеници кое придонесува за големо загадување во котлината, како и горењето на дивите депонии, но и санитарната депонија која што порано, речиси, половина година горење неконтролирано. Сега не е така, но пак имаме загадување кое што е приближно такво, на тоа ниво“, додаде Танушев.