Не станува збор за предизборни вработувања – Владата го решава статусот на оние со привремено вработување. Ова е ставот на министерот за информатичко општество и администрацијата. Претходната недела се објавија огласи за нови вработувања во јавниот сектор. ЕСМ вработува 500 лица, се бараат луѓе во министерства, општини, агенции, јавни претпријатија. Јавноста реагираше што ваквите огласи се појавија токму пред избори. Министерот ги отфрли тие критики.
„Донесена е одлука од страна на Владата на Република Северна Македонија, сите вработувања коишто се со години, а се дел од институциите и се со карактер на привремени вработувања, да се најде начин како може истите ако има потреба во институциите да бидат префрлени и да бидат вработени на неопределено време. Процесот е отворен и сега може да конкурираат и граѓаните коишто не се дел од тие институции“, изјави Азир Алиу, министер за информатичко општество и администрација.
Алиу ја коментираше и најавата на колегата од Владата и министер за финансии, Бесими дека од догодина ќе се вработуваат луѓе во јавниот сектор, без негов потпис. Од јануари, Финансии повеќе нема да дава согласност за тоа. Бесими е сигурен дека со оваа новина нема да се случи „цунами“ од вработувања во јавниот сектор, туку дека ќе се стави ред. Министерот за информатичко општество и администрација, Алиу, смета дека процедурите според стариот закон се многу долги, процесот комплициран и треба да се поедностави.
„Ценам дека со ова ќе им се олесни на институциите, бидејќи досега еве доаѓаме во ситуација каде што на крајот на годината се отвораат огласи, а тие огласи и тие работни места веќе биле предвидени од почетокот на годината“, додава Алиу.
Досега, од ЕУ и целата меѓународна заедница пристигнуваа пораки за реформи на јавната администрација, пред да се зборува и за зголемување на ефикасноста. Препораките останаа, а наспроти тоа се најавите од страна на властите, дека реформите се на повидок.
Петар Догов