Ги поддржувам, јас сум 35 години доктор, така да секое зголемување на платата е добредојдено во овие услови на криза и се надевам дека државата ќе најде слух за зголемување, изјави проф. д-р Сашо Дохчев, директор на Клиниката за урологија, во вечерашното интервју во „Топ тема“ на ТВ Телма.
„Секако дека го поддржувам штрајкот и мислам дека државата ќе најде можност во проекциите за буџетот за наредната година да се најдат и трошоците за зголемување на платите во образованието, во културата и во здравството. Тоа го случнав и денеска во интервју на премиерот Ковачевски“, рече Дохчев.
Како директор на Клиниката, нагласи тој, се прават обиди за стигнување на оние лични доходи на ниво на државата, бидејќи има многу вработени со договор на дело.
„Се надевам дека веќе ќе имаме и отворање на конкурси, бидејќи имаме луѓе кои пет години работат со договор на дело и тој проблем мора да го решиме на ниво на држава. Потребен е достоинствен живот за сите. Најниската плата е, отприлика, 21.000 денари и недоволна е да се постигне достоинствен живот за месечните трошоци во домаќинствата. Го поддржувам најавениот протест и ќе сторам сè што можам за зголемување на платите во здравството“, истакна Дохчев.