Анкетната комисија заглави во лични констатации околу политичката вина за скандалот на Онкологија. На денешната седница пратениците од опозицијата како чини ставови и заклучоци одговорноста ја лоцираа кај екс министерот Филипче. За пратеникот Милошоски е сомнително што Владата донела одлука со која Клиниката треба да ангажира фирма за расчистување на отпадот на Клиниката. Пратениците од владејачкото мнозинство сметаат дека нив нивните колеги лоцираат вина без докази.
И денеска работата на собраниската Анкетна комисија за скандалот на Клиниката за Онкологија почна со лични ставови и заклучоци на дел од членовите на Комисијата, но и со обвинувања дека надлежните се обидуваат да уништат докази.
Заменик претседателот на Комисијата Александар Вељановски од ВМРО ДПМНЕ го впери прстот во екс министерот Венко Филипче и обвини за спрега меѓу Филипче, екс директорот Васев и веледрогеријата Пановски.
На ова реагираше пратеникот Мартин Костовски кој смета дека тешко ќе се дојде до заеднички заклучок бидејќи уште од самиот почеток, според него, пратениците од опозицијата спроведуваат партиска агенда и конструиран став и обвинувања за екс министерот Филипче.
Пратеничката Марија Георгиевска реагираше дека пратениците од опозицијата членови на комисијата посочуваат со имиња за виновници иако ништо не е докажано. Таа е на ставот дека одговорност има и дека пропустите на Онкологија траеле со години.
За пратеникот Антонијо Милошоски е сомнително што Владата на седница одржана минатиот вторник донела одлука за избор на фирма која би го собирала отпадот од Клиниката за Онкологија.
Анкетната Комисија заврши со сослушување на над 60 сведоци предложени од политичките партии и во наредните 30 дена треба да ја анализираат собраната документација од надлежните институции и стенограмите од исказите на сослушаните сведоци.
Огнене Чанчаревиќ