Снема гориво во болниците во Газа. Од вечерва ја стопираат работата, освен за итните операции. И ОН предупредија дека немаат повеќе можност да ја доставуваат хуманитарната помош, затоа што Израел ги стопираше резервите на гориво до Газа. Израел го обвинува Хамас дека кај нив се стотиците илјади литри и го злоупотребува сопственото население.
- Го повикуваме целото население во градот Газа и неговата околина – терористичката организација предводена од Хамас ве користи. Тие ги користат вашите домови, училишта, болници, под земја, под вашите домови, до болници и училишта – тие се кријат таму. За ваша безбедност, не дозволувајте да ве користат. Одете на југ, јужно од Вади Газа. Ангажирани сме таму во широки хуманитарни напори кои ги вклучуваат Египет и САД. Внесуваме храна, лекови, вода. Ќе го донесеме ова за да ја одржиме оваа област во текот на целата војна, а кога борбите ќе завршат, населението може да се врати, вели Даниел Хагари, портпарол на ИОС (IDF)
Само осум камиони со хуманитарна помош го минува преминот Рафа од Египет во Газа, но агенциите велат дека се потребни најмалку 100 камиони дневно. Во 150 засолништа кои ги организираше ОН се кријат 600 -тини илјади луѓе, што значи дека капацитетите се исполнети за 4 пати.
Израел не го намалува интензитетот на бомбардирањето. Покриени со прав од израелските напади, палестинските семејства трчаа кон болниците. Крици, плач, збунети деца, преживеаните без здив кажуваат дека бомбите им паднале додека вечерале.
- Каде се муслиманите? Мојот единствен син е убиен. Каде се муслиманите и државите да не спасат?! Синот ми умре !
Израелската војска се уште се двоуми за копнената офанзива. Но, синоќа соопшти дека ја почнале „операцијата буква“. Ја нападна инфраструктурата на сириската армија рано како одговор на лансирањето ракети од Сирија кон Израел.
Во меѓувреме, се создава оска на отпорот. Се состанаа Хезболах, Хамас и Исламски џихад, за да ги договорат следните чекори.
Проценките на палестинската енклава е дека Израел од почетокот на својата воена кампања во Појасот Газа фрлил повеќе од 12.000 тони експлозив со моќ колку никлеарната бомба фрлена врз Хирошима.
Алиса Шутиноска