Не така одамна, екс премиерот Заев им порачуваше на ДУИ дека е здраво за нив да одат во опозиција, за потоа да влезат во коалиција. Алијанса за Албанците отидоа чекор понапред – им ја испратија истата порака на интегративците, додека се сè уште коалициони партнери.
Со информатички речник, министерот за информатичко општество им порача да се „апдејтираат“ и да одат во опозиција. Иако се во владата, најави можност неговата партија да разгледа и други опции, покрај евентуалното приклучување кон „европскиот фронт“, во пресрет на изборите. Отворени им се вратите и кон здружениот опозициски фронт во кој се Демократско движење, Движењето Беса и Алтернатива.
Министерот Бујар Османи одби да го коментира ставот на коалиционите партнери. Кусо одговори дека владата е компактна.
Затоа, пак, Османи имаше порака до ВМРО-ДПМНЕ кои предлагаат избори на еден трошок напролет, меѓу двата најголеми верски празници – ако ги изгласаат уставните измени, ќе остават на нив да одлучат кога да бидат изборите. Во спротивно, смета дека во предвид треба да бидат земени редовните термини и за парламентарните и за претседателските избори.
Далиборка Демјанска Цветановска