Од Битола до Скопје и обратно од среда ќе има само по еден воз дневно. Од железници информираат, дека другите два воза на оваа релација нема да сообраќаат. Прашавме во МЖ Транспорт од кои причини се прават вакви измени во возниот ред. Но, од таму ни одговорија дека поради тоа што е недела не можат да дадат било какви податоци и да ги побараме по продолжениот викенд. Според, информации на Телма овие два воза се укинати затоа што на пругата се изгорени дрвените прагови од пожари.
Во моментов освен преостанатата линија од Скопје до Битола, со воз може да се патува уште од главниот град до Гевгелија. Патничкиот железнички сообраќај одамна е во хаос.
Но, освен патниците, во проблеми се и компаниите. Од бизнис секторот велат дека главниот креатор на загубите во железници е токму патничкиот сообраќај. Субвенции има, но минусот не може да се покрие. За товарниот сметаат дека е неопходна либерализација на пазарот, за да има избор, а не да се потпираат само на Македонски железници. Така ќе добијат и подобра услуга и цена.
Големи проблеми се јавуваат кога има штрајкови од страна на машиновозачите, кои во последен период ги има многу. Дали ќе се прими плата или не, што значи за нас застој во производството. Такви работи не сакаме да се случуваат и мора да се либерализира пазарот. законот е поминат на Влада и никако во собрание да се стави на гласање, вели Коста Докузовски, директор за транспорт и логистика во макстил.
Зголемени трошоци во работата имаат и поради тоа што со децении не може да се направи пругата кон Бугарија.
Набавките на старо железо се вршат од Бугарија и тие материјали мора да транзитираат преку Србија, цената е повисока затоа што мора да се плати делот од Србија. Ако се отвори таа пруга ќе се намалат трошоциа, а работењето ќе биде економски поисплатливо, додава докузовски.
Бунар без дно е она што постојано се зборува за македонската железница. Сега Владата повторно со нови милиони, пари на граѓаните, ќе се обидува да ја спаси од долговите кон ЕСМ. За сметки за струја и за враќање на позајмици, кои констатно ги добиваат од државните електрани за да можат да поделат плати, ќе се обезбедат нови 15 милиони евра.
Со толку пари пак Србија изгради нова железничка станица во Белград, која ја пушти во употреба пред два дена.
Македонски железници со години имаат финансиски проблеми во работата. Се променија неколку директори, но никој не успеа да најде решение. Поранешниот премиер Заев пак зборуваше дека македонската железница е зрела за јавно – приванто партнерство или приватизација, затоа што постојано се прави дотур на пари за да опстои.
Но, иако се зборуваше за сега план за спас нема, освен што континуирано се трошат милиони од буџетот за таа да преживее.
Ирена Чачкова