Дали Хаки Азири и Фејзи Азири, и двајцата осудени за случајот ,,Монструм” кој се однесува на убиството на петте лица на Велики петок кај Смилковско езеро ќе се најдат на конечната листа на затвореници кои ќе бидат опфатени со новиот Закон за амнестија, сѐ уште е нејасно.
Во оваа фаза нивното дело „Помагање на сторител во извршено кривично дело“ не е меѓу посочените за кои нема да важи амнестијата, пишува Фокус.
За адвоктите на осудените нема дилема. Роднините Азири треба да излезат на слобода по изгласување на законското решение.
Според правниците пак во овој случај не треба да се заборави основното кривично дело „Тероризам”, за кое пак нема амнестија. Затоа, појаснуваат, дека делото на Азири не треба да се гледа изолирано, туку во контекст на основното дело.
Премиерот Димитар Ковачевски, одговарајќи на пратеничко прашање истакна дека штом законот ќе влезе во собраниска процедура, пратеничката група на СДСМ ќе поднесе амандман со кој осудените за ,,Монструм” ќе бидат исклучени од можноста за амнестија.