Фестивалот „Брнинг мен“, што се одржува во пустината Бек Рок во американската сојузна држава Невада и кој со години наназад привлекува голем број посетители годинава се претвори во вистински хорор поради обилните врнежи кои ја зафатија областа и кои пустинската песок ја претворија во густа кал и глина.
Проценките се дека за само 24 часа наврнал дожд кој вообичаено би паѓал во период од 2 – 3 месеци.
Поради обилните врнежи во кампот во кој се организира фестивалот во моментов заглавени се околу 70 илјади лица, а според информациите на медиумите пријавена е и една жртва.
Организаторите на фестивалот побараа од илјадниците гости да штедат храна, вода и гориво, а влегување и излегување од кампот е забрането.
Точниот број на луѓе кои се заглавени во пустината не е познат, иако проценките се дека станува збор за над 70 илјади лица. Само мал дел од нив успеале навреме да излезат. Меѓу нив е и американскиот диџеј Дипло кој на Х (поранешен Твитер) напиша дека заедно со комичарот Крис Рок морале да пешачат осум километри за да стигнат до патот од каде обожаватели ги зеле со возила.
„Брнинг мен“ годинава беше предвидено да трае девет дена. Тоа е еден од најпознатите културни настани во САД и специјално за него, посетителите создаваат „привремен град“ во пустината каде кампуваат.