Државјанин на Нов Зеланд, кој во затвор минал вкупно 19 години, ќе добие рекордна отштета од, речиси, пет милиони новозеландски долари, односно 2,7 милиони евра, соопшти владата во Велингтон.
Алан Хол беше осуден во 1986 година за убиство на Артур Истон и ранување на неговиот син Брендон. Притоа доби доживотна затворска казна. Со прекини, зад решетки мина вкупно 19 години, а пресудата му беше поништена лани.
Владата на Нов Зеланд се согласи да му исплати 4.993.725 милиони долари отштета за секоја година мината во затвор, рече новозеландската министерка за правосудство, Дебора Расел.
„Признавам дека извинувањето и отштетата нема да ја исправат неправдата што ја истрпел Хал во целост. Но, се надевам дека донекаде ќе му помогне за повторно да изгради свој живот и ќе му овозможи да прави работи што ги сака“, рече Расел.
Од семејството на Хал соопштија дека најважно е оти владата ја признала неговата невиност, но нагласија дека тоа не успеала да го дочека неговата мајка.
„Алан имаше 24 години кога беше уапсен. Сега има 61 година. Со владината објава, Алан може да се насочи на она што му беше скратено со децении – да гради сопствен живот како слободен човек“, се наведува во соопштението на семејството на Хал.