Етна повторно се активира и го осветли небото над Медитеранот. Најактивниот европски вулкан еруптира во југоисточниот кратер што беше причина за затворање на аеродромот во Катанија. Летовите од и кон градот ќе бидат забранети до 20 часот вечерва, соопштија локалните власти.
Вулканот, висок 3,330 метри, проработи во неделата вечер со исфрлување на лава и пепел над островот во Медитеранот. Градоначалникот на Катанија, Енрико Трантино забрани користење на мотоцикли и велосипеди во наредните 48 часа, бидејќи голем дел од улиците се прекриени со пепел. На сила е мерка и за ограничување на брзината на автомобилите до 30 километри на час поради лизгавите услови.
Научниците од италијанскиот Национален институт за геофизика и вулканологија (INGV), објавија дека имало две еруптивни пукнатини на југоисточниот кратер на планината. Геолозите известуваат дека планината е активна со прекини во последните два месеци.
Последната ерупција на Етна се случи во 1992 година. Црвениот аларм беше запален и во мај оваа година, а претходно и во јуни во 2022 година. Етна е втор најактивен вулкан во светот, по Килаујеа на Хаваите.
Сашко Димовски