Распарчен автомобил заглавен во банкина. Ноќеска по полноќ се случила тешка сообраќајна несреќа. 21- годишно момче загина, а уште тројца негови врсници се тешко повредени.
Синоќа околу 1:30 часот во ОВР Крива Паланка е пријавено дека Ауди со кривопаланечки регистарски ознаки излетало од патот Крива Паланка-Ранковце. Возачот починал на лице место, а три лица се повредени на кои им е укажана помош во болницата во Куманово, вели Тони Ангеловски, портпарол на Министерство за внатрешни работи.
Полицијата ќе истражи кои се причините за последната несреќа во која сите 4-ца настрадани се млади возачи. Анализите на МВР покажуваат дека најголем дел тешки сообраќајни несреќи со настрадани настануваат поради брзото возење, непочитување на сообраќајните правила, но и поради состојбата на патиштата. Но наместо да се намалуваат, бројот на трагедиите се зголемува, а се зголемува и бројот на казни за голема брзина.
Само во текот на вчерашниот ден биле санкционирани 435 возачи кои се движеле со поголема брзина од дозволената. Девет од нив се возеле дури и со над 70 километри на час.
-Сите анализи говорат дека најчесто во летниот период поради зголемениот сообраќај имаме и зголемен број на сообраќајни незгоди со тешки последици. Особено сме насочени кон санкционирање на брзото возење затоа што според сите анализи тоа е причина за сообраќајни несреќи со тешки последици, додава Ангеловски.
Во бизарна сообраќајна несреќа настрада и пенизонер кај Катланово, кој тргнал на протестите во Скопје. При пауза на паркинг, тој тргнал кон коловозот по грешка, како што кажуваат неговите сопатници и на автопатот бил удрен од возило по што починал. И полицијата и експертите апелираат за поголема внимателност во сообраќајот затоа што тоа е единствениот сигурен начин за избегнување на несреќи и жртви.
Тамара Марковска