Илјадници поддржувачи на хунтата која во текот на изминатата недела изведе пуч во Нигер, денеска маршираше низ улиците на главниот град Ниаме, веејќи руски знамиња, извикувајќи го рускиот претседател Владимир Путин и осудувајќи ја поранешната колонијална сила, Франција.
Сè уште е нејасно дали новите лидери ќе се свртат кон Москва или ќе се држат до западните партнери на Нигер, наведува АП и додава дека руската воена компанија „Вагнер“ веќе дејствува во соседно Мали додека рускиот претседател сака да го прошири своето влијание во регионот.
Бунтовниците рекоа дека го отфрлија претседателот на Нигер, Мохамед Базум, кој беше избран пред две години во првиот мирен, демократски, трансфер на власта од стекнување на независност на земјата од Франција, бидејќи не бил во состојба да ја обезбеди нацијата од растечкото вихадистичко насилство.
Новите челници на Нигер предупредија дека се против било каква воена интервенција. Хунтата, преку друго соопштение, ги повика граѓаните да излезат на улиците на главниот град на протести против ЕКОВАС (Економска заедница на западноафриканските држави) и да искажат поддршка на новите челници.
ЕКОВАС и осумчлената Западноафриканска економска и монетарна унија би можеле да го суспендираат Нигер, да го скратат пристапите на земјата до регионалната банка и финансиските пазари и да ги затворат границите.
Западноафриканските лидери би можеле да ја разгледаат опцијата за воена интервенција за враќање на претседателот Мохамед Базум.
Воениот удар во Нигер наиде на осуда кај неговите соседи и меѓународни партнери кои одбиваат да ги признаат новите лидери и бараат враќање на власта на Базум.
Европската Унија и Франција ја прекинаа финансиската поддршка за Нигер, а САД се заканија дека ќе го сторат истото. По итниот состанок во петокот, Африканската Унија излезе со барање за враќање на војската во касарните и да се воспостави уставен поредок во рок од 15 дена.