Косовскиот претседател во оставка Хашим Тачи ќе се појави пред хашките судии во понеделник. Утринава припадниците на ЕУЛЕКС го претресуваа неговиот дом во Приштина, како и семејните куќи поранешниот претседател на ДПК, Кадри Весели и шефот на парламентарната група на движењето Самоопределување Реџеп Селими. Хашкиот суд ги обвинува за 98 убиства, сторени од март 1998-мата до септември наредната година. Злосторствата ги извршиле во 34 нелегални притвори на ОВК во Косово и Албанија над најмалку 407 приведени. Етнички прогони, сурови третмани и тортура, кои во обвинението имаат едно име – злостор против човештвото.
По вчерашната оставка на Тачи и апсењето на неговите соработници, но и поранешни владини функциоенри, косовската јавност е вознемирена поради тоа што никој од како што велат „српските криминалци“ не е пред хашките судии. В.Д. претседателката повика на трпение и лојалност.
Одржливоста на мирот во регионот бара жртвите и агресорите да не бидат еднакви. Ние Косовските Албанци сме жртви на хегемонијата на еден геноциден режим, додека Србија е држава која ги извршуваше тие злосторства, изјави в.д. претседателката на Косово, Вјоса Османи.
Тачи и Весели заедно со уапсените соработници, кои вчера доброволно се предадоа и рекоа дека ќе соработуваат за да ја докажат невиноста, се веќе во политичка опозиција. А актуелниот косовски премиер Авдулах Хоти изјави дека владата нема да интервенира и да коментира одлуки на правосудството, вклучувајќи го и специјалниот суд за злосторства на поранешните ОВК членови. Вети дека дијалогот со Белград ќе биде продолжен. Српските познавачи велат дека овој чин е добар за семејствата на жртвите, но сепак не дава голема надеж.
Судејќи од досегашното искуство скепсата е малку поголема од надежта, што се однесува до истерување на правдата. Сепак веста е добра и за граѓаните на Косово, пред се за Албанците затоа што ќе се ослободат од една гарнитура која на некој начин ги тероризираше луѓето, една екипа на луѓе која етнички го исчисти Косово и Метохија, екипа која владееше со косовското подземје, но и со политичкиот живот, вели новинарот Миливоје Михајловиќ.
Во судот може да се пријават и жртвите кои претрпеле некаква штета. И лидерот на ДУИ, Али Ахмети реагираше во врска со потврдата на обвиненијата за водачите на ОВК. Им честиташе на лидерите на Косово кои, како што напиша, „на најдостоинствен начин одговорија на повикот за правда“ и им посака брзо враќање на нивните должности.
Во привремената влада на Косово, прогласена во март 1999 година, Тачи беше премиер, Весели беше министер за разузнавање, Селими беше министер за внатрешни работи, а Красниќи беше портпарол.
Алиса Шутиноска