Украинскиот претседател Володимир Зеленски го нападна НАТО, велејќи дека е „апсурдно“ тоа што не се поставува временска рамка за Украина да биде поканета да се приклучи на воената алијанса.
„Тоа е без преседан и апсурдно кога не е поставена временска рамка ниту за поканата, ниту за членството на Украина“, напиша тој во изјава на Твитер.
„Се чини дека нема подготвеност ниту да се покани Украина во НАТО ниту да се направи членка на алијансата. НАТО во 2008 година се согласи Украина „ќе“ стане членка. Но, алијансата не соопшти како и кога тоа може да се случи. Сега, на патот кон Вилнус, добивме сигнали дека се разговара за одредени формулации без Украина“, додава тој.
Тој нагласува дека оваа формулација е за „поканата да стане членка на НАТО, а не за членството на Украина“.
„Неизвесноста е слабост. И јас отворено ќе разговарам за ова на самитот“, вели тој.
Зеленски се очекува утре да пристигне на Самитот во Вилнус. Претходно, генералниот секретар Столтенберг рече дека лидерите на НАТО „ќе испратат јасен и позитивен сигнал“ до Киев во врска со неговата желба да ѝ се приклучи на воената алијанса.