Продолжуваат протестите на Србите во општините во северниот дел од Косово.
Голем број луѓе се собраа на улиците во градот и развиорија огромно српско знаме, долго 250 метри, бесни заради фактот дека во општинските згради, со силно полициско обезбедување влегоа новоизбраните градоначалници –албанци, по изборите кои Србите ги бојкотираа.
Протестите засега се мирни, без инциденти, но и со големо обезбедување на припадниците на КФОР, кои пред зградите на општинските власти поставија и барикади.
Од форумот во Словачка, косовскиот премиер Албин Курти оцени дека вината за инцидентите е во официјален Белград , под чии инструкции, според него, постапувале демонстрантите.
На оваа фашистичка толпа, ние не ја предаваме нашата демократска република. Ако сакаат мирно да протестираат со барања за предвремени избори, тие имаат Премиер кој целиот свој живот е политички активист и е повеќе од подготвен да ги ислуша нив и можеби дури и да се согласи со нив, рече Курти.
Косовските срби тврдат дека тие прават се што е во нивна моќ, целата ситуација мирно да се разреши и покрај провокациите од официјална Приштина.
За жал, подадените раце на овие луѓе тука, на жените и децата, со цел мирно да се решаваат проблемите, останаа во воздухот затоа што Албин Курти сака по секоја цена да предизвика хаос, да го загрози мирот. По секоја цена да ги протера Србите од Косово и Метохија и во таа намера се плашиме дека ја има поддршката од некои центри на моќ, кои сакаат Србија и Србите да ги вовлечат во хаос, изјави Игор СИмиќ, претставник на косовските Срби.
Зад Косовските срби, очекувано застана и официјална Москва.
Ние го следиме ова. Апсолутно, безусловно ја поддржуваме Србија и србите. Веруваме дека сите легитимни права и интереси на Косовските Срби мора да бидат почитувани и обезбедени. Не треба да има никакви провокативни постапки, кои ги загрозуваат правата на Србите. И секако, одблиску го следиме развојот на ситуацијата. Во оваа смисла сме и загрижени, изјави ДМитриј Песков, портпаролот на тускиот претседател.
Одлуката на властите во Приштина со полициско обезбедување да влезат во општините со српско мнозинско население ги критикуваа и Соединетите држави.
Според американскиот амбасадор на Косово, Џефри Ховениер, САД
имаат две барања од Владата на Курти – да не инсистираат градоначалниците да работат од општинските згради и полицајците да се повлечат од нивните позиции.
Никола Илиевски