Продолжуваат протестите на Србите во општините во северниот дел од Косово. Голем број луѓе се собраа на улиците во градот и развиорија огромно српско знаме, бесни заради фактот дека во општинските згради влегоа новоизбраните градоначалници –албанци, по изборите кои Србите ги бојкотираа.
Протестите почнаа пред два дена а косовските срби се судрија потоа и со припадниците на КФОР кои се обидуваат да ги обезбедат објектите, за кои се грижеа и припадниците на косовската полиција.
Во судирите беа повредени 30-тина војници од Италија и Унгарија, по што синоќа и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, најави дека во регионот ќе бидат испратени дополнителни 700-тини војници.
Одлуката на властите во Приштина да новоизбраните градоначалници со полициско обезбедување да влезат во општинските објекти ја критикуваше и американскиот Стејт Департмент.
Истата порака ја испрати и американскиот амбасадор во Приштина Џефри Ховениер. Според него, САД имаат две барања од Владата на Косово – да не инсистира градоначалниците да работат од општинските згради и полицајците да се повлечат од трите општински згради на северот од земјата.
– Не разбираме зошто алтернативните локации или други јавни згради не можат да се користат за извршување на нивните функции, порача Ховениер.Според него присуството на косовската полиција во зградите во кои насилно влегла е многу предизвикувачко, затоа побарале од косовската влада да ја повлече полицијата од овие три објекти.
Косовскиот премиер Албин Курти во видео пораката објавена синоќа, рече дека градоначалниците избрани на гласањето на 23 април „се единствените кои имаат легитимитет да бидат во општинските згради и во служба на граѓаните“… Истакна дека Приштина ја засилила комуникацијата со меѓународната заедница и дека смирувањето на ситуацијата е заедничка цел.
Сепак, факт е дека односите меѓу Косовските албанци и Соединетите држави вњеројатно никогаш не биле потешки. Како прва мерка против Косово, беше откажано учеството на Косово во меѓународната вежба Дефендер на Европа 23 а се размислува и за други акции.
Медиумите пренесуваат и дека САД во моментов немаат ентузијазам да влијаат на земјите кои не го признале Косово, но и активно да работат и да го поттикнуваат напредокот на Косово кон евро-атлантските интеграции.
Никола Илиевски