Вести Свет Топ вести

Воздушни напади и борби во Картум и покрај договорениот прекин на огнот

Армијата ги повика луѓето во Картум да останат во затворени простории бидејќи ги напаѓа позициите на паравоените сили кои се борат за промена на власта во земјата. Борбите се интензивираа во главниот град Картум, рушејќи го најновиот прекин на огнот кој требаше да трае 72 часа, а чија цел беше да им се дозволи на цивилите да се евакуираат на безбедно. Армијата соопшти дека го напаѓа градот од сите правци, со воздушни напади и тешка артилерија, за да ги истера своите паравоени ривали. Милиони луѓе остануваат заробени во главниот град, без храна и вода. Претставник на УНИЦЕФ во Судан денеска предупреди дека над 600.000 деца се изложени на ризик од акутна неухранетост додека продолжува внатрешната борба за моќ.

– Ситуацијата во Судан е многу тешка, а контекстот е сложен во смисла дека обемот на овој конфликт опфаќа две третини од земјата, особено во Дарфур, Картум. Значи, ситуацијата е многу несигурна. Но, работата продолжува, работата продолжува и ние навистина се молиме за мир во тие услови за да можеме да овозможиме уште поголема испорака на услугите и обемот на тие услуги, информира Џил Лолер, шеф на теренските операции на УНИЦЕФ во Судан.

Во градот Џенена, главниот град на провинцијата на западен Дарфур опустошен од војната, во досегашните насилства загинаа 89 луѓе. Борците се утврдија во домовите и ги зазедоа продавниците и болниците, а жестоки огнени пресметки се водат во  густо населените улици. Нигериски студенти на Универзитетот во Картум велат дека се заробени во опасни услови додека продолжуваат борбите во главниот град на земјата. Стотици евакуирани лица очајно се надеваат дека ќе ги избегнат насилствата барајќи безбеден премин со брод до градот Џеда во Саудиска Арабија.

– Репортер: А што е со луѓето кои немаат американски пасоши, вашето семејство, вашите пријатели?

 

– Жал ми е за нив, знаете, бидејќи ситуацијата не е добра. Мислам, ако можеа да ги имаат овие, документи за да можат да си заминат, знаете, бидејќи, знаете, таму е страшно, изјави Маова, суданско-американски државјанин.

 

– Ако имате, знаете, странски пасош или нешто што всушност ќе ви даде шанса да излезете надвор, ќе го земете. И затоа сите овде даваат се од себе за да заминат од Судан, раскажува професор Али, судански државјанин со виза за ОК.

 

– Понекогаш се чувствувам, бидејќи заминувам, се чувствувам како предавник на мојата земја. Ги оставам во сета оваа болка додека одам и се радувам. Чувствувам, понекогаш се чувствуваш како предавник затоа што го направив тоа. Не знам зошто, вели Абдула Ахмед, суданско-американски државјанин.

Експертите велат дека и покрај воената надмоќ на армијата сепак одметнатите сили на генералот Дагало се специјализирани за борби во урбани средини и се многу поподвижни. Армискиот командант генерал Абдел Фатах ал-Бурхан и генералот Мохамед Хамдан Дагало, попознат како Хемеди, се борат за власт – и поради несогласувањата паравоената формација да биде вклучена во армијата.

Александар Петрески

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Завршни зборови на обвинетите за убиствата на Вања и Панче

Дејан Дејан

Две недели за дипломатија – европски министри на разговори со Иран во Женева

Дејан Дејан

Трамп најави дека во наредните две недели ќе одлучи дали ќе го нападне Иран

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе