Како последна членка на НАТО, Турција во синоќа се изјасни за прием на Финска во Алијансата , големо мнозинство во турскиот парламент гласаше „за“. Остануваат уште само неколку формалности и Финска ќе стане 31 членка на НАТО. 28 од вкупно 30 сегашни членки одлуката ја донесоа уште одамна, Унгарија тоа го направи претпоследна, во понеделникот.
„Финска е сега спремна да се приклучи на НАТО“, напиша финскиот претседател Саули Нинисто на Твитер веднаш по изјаснувањето на турскиот парламент. Тој се заблагодари на сите 30 членки за довербата и поддршката, ветувајќи дека неговата земја ќе биде силен и способен партнер. И финската премиерка Сана Марин преку Твитер упати колективна благодарност до сите земји кои се во составот на НАТО. Финскиот претседател и премиерката ја истакнаа својата натамошна поддршка за соседот Шведска во напорите да му се придружи на сојузот.
За Финците, согласноста од Анкара доаѓа во посебен момент, со оглед што в недела во земјата се одржуваат парламентарни избори. Но, дури и во случај на промена на владата во Хелсинки, во приемот на Финска во НАТО ништо нема да се смени, со оглед на широкиот консензус кој владее во земјата за таа тема.
Една од клучните причини за единственоста е околу 1340 километри долгата граница со Русија. Под впечатокот на руската агресорска војна во Украина, Финска во мај ланската година, заедно со Шведска, се одважи на поднесување барање да се припои кон НАТО- по децении неутралност.
За разлика од Финска, Шведска останува на половина пат со нератификувањето на договорот од страна на Унгарија и на Турција. Турција ја обвинува Шведска за недоволни напори во сузбивањето на „терористички организации“ и ја критикува за оглушување на барањата за екстрадиција на лица кои Анкара ги смета за терористи.