Вухледар, град на истокот на Украина. Некогашниот индустриски центар во областа Доњецк денеска е уништен и празен и предизвик е за двете страни во руско-украинската војна – за Русите да го освојат, за Украинците да го одбранат.
Руските сили во последните недели ги интензивираа нападите врз Вухледар, но украинските маринци се борат да ги држат што подалеку од градот, и покрај константното гранатирање на нивните позиции. Барем засега.
И покрај постојаните бомбардирања и недостатокот на храна и вода, дел од жителите, сепак, остануваат во градот. Емилија Будскаја и нејзината ќерка живеат во темен подрум, бидејќи гранатирањето и борбите се деноноќни.
Борбите во Украина се разгоруваат по одбележување на првата годишнина од руската инвазија. Украинските власти јавија за десетици нови руски напади врз нивните позиции во градови на истокот и југот на земјата. Според украинските воени власти, руската армија во последните 24 часа извршила 27 воздушни напади и 75 напади со ракетни фрлачи.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски го поздрави 10-от пакет санкции на Европската Унија кон Русија и побара нов, со фокус на „Росатом“, руска државна корпорација за атомска енергија. Рускиот претседател Владимир Путин, пак, повтори дека санкциите не го даваат ефект што го замислиле и посакувале западните земји, а на НАТО му порача дека е индиректен учесник во конфликтот со испораките на оружје за Киев.
Сашко Димовски