Украина се подготува за нов масовен напад од Русија. Киев ги очекува руските гранати вечерва, на ден пред годишнината од почетокот на војната. Украинските разузнавачи смируваат дека нападот би бил мал, и веќе виден за земјата. Во меѓувреме, рускиот претседател и натаму продолжува со провокаторските изјави. На државниот празник Бранители на татковината, го извести светот дека има намера да ги зајакнува своите нуклеарни сили.
- Како и досега, ќе посветиме зголемено внимание на зајакнувањето на нуклеарната тријада. Оваа година во борбена задача влегуваат првите фрлачи на ракетниот систем „Сармат“ со нова тешка ракета. Ќе продолжиме со сериското производство на хиперсонични системи Кинжал со воздушно лансирање и ќе започнеме со масовни испораки на хиперсонични ракети Циркон лансирани од море, изјави Путин.
За Путин, заканата со нуклеарно оружје се уште е корисна алатка, на која светот реагира, а Москва е свесна дека може да и се врати како бумеранг.
- Користењето на нуклеарното оружје не генерира речиси никакви практични придобивки и, секако, ништо за да се компензира за сите трошоци, како во смисла на ризик од непосредна ескалација, зрачење, а исто така и оттурнување на остатокот од светот, смета ЏАСТИН БРОНК, ИСТРАЖУВАЧ ВО КРАЛСКИ ИНСТИТУТ (RUSI)
На терен, по цела една година војување, сега постои реална шанса Русија да проба да го заземе источно-украинскиот град Вухледар. Градот со денови е под гранати, а руските сили се под притисок да ги подобрат резултатите. Ветените тенкови од Западот, Леопрад 2, тука уште не се пристигнати. Украинските војници чекаат на подобро оружје, но не ја гледаат целта на овој напад.
- Постојано се обидуваат да се пробијат. Жртвуваат многу од своите луѓе само да освојат парче од шумата. Со оглед на времето кое е потребно, не ја разбирам нивната поента во овој дел, вели украински војник.
Путин нема да запре додека не ги освои зацртаните цели, вели британскиот министер за одбрана. Предвидува дека војната ќе трае уште цела година.
- Седиме овде по 12 месеци и со 188.000, всушност повеќе сега, руски војници се мртви или повредени како резултат на оваа катастрофална погрешна пресметка и агресија на претседателот Путин. Кога некој ја преминал границата и мисли дека е во ред да му го направите тоа на сопствениот народ, ефикасно да работи со мелница за месо за војска, мислам дека нема да запре, тврди бринаскиот министер за одбрана Бен Валас.
Главното стравување е дека војната во Украина ќе ескалира неконтролирано, и во него ќе влезе и самата Америка. Ако не се најде стратегија за победа, овој судир можно е да се претвори во уште еден Авганистан, кој би ја распарчил Европа, предвидуваат аналитичарите.
Алиса Шутиноска