Лидерите на Франција, Германија и Велика Британија заедно со други високи претставници на повеќе држави учествуваат во работата на безбедносната конференција во Минхен каде секако главно прашање ќе биде како најдобро да се поддржи Украина, една недела пред првата годишнина од почетокот на руската инвазија.
Во Минхен се собраа околу 40 шефови на држави и влади, како и безбедносни експерти од околу 100 држави. Западните сојузници на Украина веќе подолг период предупредуваат дека наредните месеци ќе бидат клучни за исходот на војната против Русија.
Се најавува зголемување на воената помош за официјален Киев, во обид да се поддржат обидите на Украинската армија да се одбрани од руската офанзива во источните региони.
Во НАТО веќе се размислува за зголемување на процентот од бруто домашниот производ кој се издвојува за одбраната, кој сега изнесува 2%.
„Пораката за партнерите е многу јасна, на која ние секогаш бевме посветени. Ќе ја оствариме целта од 2%, но ќе направиме и напори да ја зголемиме. Секако, тоа треба да се усогласи во коалицијата. Но, на сите мора да им биде јасно. Нема да можеме да ги оствариме задачите кои се пред нас, со помалку од 2%“ – порача германскиот министер за одбрана, Борис Писториус.
За прв пат по две децении, руските лидери не се поканети на безбедносната конференција во Минхен, редовно годишно собирање на светските лидери, политичари и безбедносни експерти, кое започна со видео пораката на Украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
Порака до Западот, особено најголемиот Украински поддржувач, Соединетите американски држави, од Москва испрати портпаролот на руското министерство за надворешни работи, Марија Захарова.
„Мораме уште еднаш да го посочиме американското влијание во конфликтот во Украина. Тие обезбедуваат оружје во големи количини, даваат разузнавачки информации, директно учествуваат во планирањето воени операции, ги обучуваат Украинските војници и претставници на различни илегални вооружени групи. Ова го прават долго време, во 2022-та но и претходно. Вашингтон одби да му дозволи на режимот во Киев да разговара со Москва, продолжувајќи го конфликтот со Русија“ – обвини Захарова.
Конференцијата во Минхен се одвива под силни мерки на обезбедување за кое во текот на викендот ќе бидат задолжени и повеќе илјади полицајци.
Најавени се над 20-тина поголеми протести и собири на повеќе групи со различни поводи, од војната во Украина па се до борбата против климатските промени.
Никола Илиевски