И покрај тоа што преходно соопштија дека нема да го урнат кинескиот балон, кој изминатава недела прелетуваше над САД, сепак американскиот претседател Џо Бајден дал наредба тој да биде соборен, објави новинската агенција Асошиејтед прес. Според нив, балонот паднал во морето покрај брегот на Северна Каролина, а американската крајбрежна стража ги предупреди сите приватни пловила да не ѝ е приближуваат на областа поради спроведувањето на воени операции.
Пристигнувањето на кинескиот балон над САД предизвика дополнително продлабочување на тензиите помеѓу Вашингтон и Пекин, поради што и државниот секретар Ентони Блинкен ја откажа планираната посета на Кина.
Блинкен телефонски разговарал и со кинескиот министер за надворешни работи Венг Ји, на кого му посочил дека ова е неодговорен и неприфатлив чекор на нарушување на американскиот суверенитет и меѓународното право. САД, кои не го прифаќаат кинеското објаснување дека станува збор за метеоролошки балон кој застранил од курсот, претходно соопштија дека е забележан и втор кинески балон, овој пат над Јужна Америка.
Кина собира разузнавачки информации дозволувајќи овој балон да дојде над нашите ракетни локации, каде што Пентагон тврди дека е. Може да лебди таму со денови. Тие всушност, на некој начин, можат да добијат подобра, поширока покриеност од нивните сателити, и исто така можат да испитаат како САД ќе одговорат на идни провокации, и на какви било идни упади, изјави поранешната аналитичарка на ЦИА Гејл Хелт.
Во соопштение по разговорот меѓу Блинкен и Ји, Пекинг негираше дека некогаш нарушил воздушен простор и суверенитет на некоја земја, и обвини дел од американските политичари и медиуми дека го искористиле инцидентот за да ја критикуваат и оцрнуваат Кина.
Игор Трајков