Земјите-членки на Европската унија постигнаа договор за ограничување на цените на руските нафтени деривати, пред меѓународното ембарго кое треба да стапи на сила овој викенд, потврдија претставници на Шведска, која е актуелен претседавач со Европската Унија.
Станува збор за обид да се ограничи приливот на средства за рускиот претседател, Владимир Путин, со кој ја финансира својата воена машинерија и инвазијата на Украина.
ЕУ во декември воведе ембарго на руската сурова нафта што доаѓа по море и заедно со партнерите од Г7, постави ограничување од 60 долари по барел за извоз низ целиот свет. Второто ембарго ширум ЕУ, на руското гориво, треба да стапи на сила во недела. Тоа е насочено кон руски рафинирани нафтени производи како што се бензин, дизел и гориво за греење, кои пристигнуваат на бродови.