Апелација откри зошто му ја поништи пресудата на Мијалков за прислушувањето- не се убедени дека само УБК маркирал телефони за следење
Дали прислушуваните телефони биле маркирани за следење од телефонските оператори, а не само во УБК. Апелациониот суд во предметот „Тврдина таргет“ ја враќа тезата на одбраната на Мијалков дека нелегално прислушувале и други.
Апелација успеа да ги победи каблите на својот информатички систем и ја објави одлуката со која ја укинува првостепената пресуда за предметот „Тврдина таргет“.
Во нив се образложени причините зошто се прифатени наводите и тезите на одбраната, меѓу кои и вештачењето според кое не е утврдено точно каде се маркирани телефоните за следење.
Според своите докази и вештачења, обвинителството тврдеше дека процесот на незаконско прислушување се одвивал во УБК.
Одбраната пак тврди дека не било само во УБК туку телефони биле маркирани во два оператори кои сега се обединети во еден оператор.
Но, за вештачењето на одбраната не му беше поклонета верба при првостепената пресуда од кривичниот суд, а Апелација ја укинува пресудата затоа што смета дека понискиот суд треба да утврди дали било прислушувано и надвор од УБК, како што тврди одбраната.
Извадок од предмет КОКЖ-81/21, Апелациски суд Скопје за укинување на пресуда „Тврдина таргет“
…По однос на околноста за начинот на маркирање на телефонски броеви во О..В.(оператор), а посебно на околноста за телефонски броеви кои биле само маркирани и следени кај операторот О..В., а не биле следени и маркирани од страна на У.Б.К, како што утврдува вештото лице д-р М. К.., првостепениот суд не ги отстранил противречностите во наодите и мислењата на вештите лица при испитувањето во текот на главната расправа на сите спорни прашања по однос на дејствијата опишани во став II од изреката, на погоре наведените околности, се со цел за правилно утврдување на решителните факти во конкретниот предмет, по однос на незаконското следење на телефонските комуникации.
Сега Апелација бара двете вештачења да се соочат како и доказите користени за нив.
Покрај тоа Апелацискиот суд смета дека со првата пресуда не е утврден точен број на прислушувани граѓани бидејќи на едно место стоело 6741 телефонски броеви, додека на друго имало три бројки на прислушувани граѓани кои вкупно даваат збир на 4614 телефонски броеви.
За уништените машини за следење на комуникации, Апелациониот суд го прифатил тврдењето на одбраната дека вештачењето не може да утврди пазарна цена затоа што такви апарати ги нема да се купат на слободниот пазар.
Исто така Апелациониот суд смета дека изрекувањето на пресудата, познато и како изворник на пресудата не било соодветно на целиот текст на првостепената пресуда која има околу илјада страници.
Апелација најверојатно сугерира дека и при изрекувањето треба да се прочита целата пресуда за да стане изворник без разлика колку тоа читање ќе трае.
Најинтересно и најиронично е сепак што Апелациониот суд му препорачува на понискиот кривичен суд да внимава на роковите за да не застари судењето.
Претходно Судскиот совет утврди дека апелационите судии предводени од Јани Нича и известителот Енвер Беџети всушност го држеле предметот неоправдано долго пред да одлучат со што директно придонесуваат „Тврдина таргет“ да се движи кон застарување.
Кривичниот суд веќе ја доби одлуката и за нов судија на предметот го назначи Илија Трпков кој веќе го судеше Мијалков за Плацеви на Водно.
Миомир Серафиновиќ