Конфликтноста на политичката сцена расте, што навестува за можно пресложување на политичките формации за предвремени избори. Во вечерашното издание на Вин Вин се дискутираше кому му одговараат, а кому не, предвремените избори. Дел од медиумите во Македонија објавија за некаква наводна средба помеѓу поранешниот премиер Зоран Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, на која наводно било дискутирано за одржување предвремени избори во мај годинава, и формирање на широка коалиција која би ги истуркала уставните измени и би се продолжил европскиот пат на Македонија.
Експертите во вечерашната емисија изрзија скептицизам за веродостојноста на овие инфомрации, посочувајќи дека, особено лидерот на ВМРО-ДПМНЕ би немал интерес за формирање на таква коалиција, во ситуација кога сите анкети му предвидуваат комотна победа на следните избори.
Зошто Мицкоски би прифатил однапред да дели власт која секако би му припаднала за некое време, ако е толку сигурен. Мислам дека треба мотивите малку од поразличен аспект да се разгледуваат на двајцата кои седнале. Да претпоставиме дека во СДСМ, или кај Заев има мотив да се задржи СДСМ на власt. Тоа е полесно разбирливо. За мене е потешко разбирливо зошто Мицкоски би прифатил таква варијатна, рече политикологот Петар Арсовски.
Сепак, Арсовски се обиде да изнесе и неколку причини зошто лидерот на опозицијата би бил заинтересиран за тоа. Според него, покрај тоа што анкетите покажуваат водство на ВМРО-ДПМНЕ пред СДСМ, тие исто така посочуваат и на неколку трендови кои се релативно загрижувачки во смисла на вкупното општествено ткиво.
Имате сериозен анти-естаблишмент сентимент кај граѓаните, кој во моментов оди директно на конто на Левица, но генерално, има потреба да ги урне старите политички елити. Можеби тоа сознание дека луѓето толку сакаат промени што се подготвени да направат тие промени да бидат револутивни, кон полошо, можеби го информира Мицкоски дека тој е под сериозна закана од Левица. Интерната динамика на односите во ВМРО-ДПМНЕ, сознанието дека вие можете краткорочно да се борите со некаков националистички наратив против процесите на евратланската интеграција, меѓутоа во Македонија генерално, политички и гостратешки, натаму оди „големата река“. Дека тој (Мицкоски) ќе мора да најде помирување на сегашниот наратив на ВМРО-ДПМНЕ и „големата река“ веднаш штом ќе дојде на власт, и како тоа ќе се случува. Значи има повеќе елементи со кои би можел јас да шпекулирам зошто Христијан Мицкоски не би ја отфрлил оваа идеја од прва, резонираше Арсовски.
Но, според универзитетскиот професор Васко Наумовски, Мицкоски нема причини зошто би се впуштал во вакви политички комбинации, за разлика од поранешниот премиер Заев, за кој, смета Наумовски, мотивот би бил избегнување на евентуална кривична одговорност.
Дотолку повеќе е нејасно зошто воопшто би се впуштале членовите или раководството на ВМРО-ДПМНЕ во некаков договор со Заев, доколку сите анкети се точни, и доколку еднинствено нешто што останува е да чекаме да дојдат редовните избори и ВМРО-ДПМНЕ да ја преземе власта. Во однос на мотивите на Заев, мислам дека се испупшта еден важен момент, а тоа е желбата за избегнување на евентуалната кривична одговорност, негова и на поранешните функционери. Доколку има таква. Ние сме сведоци на повеќе гласини за разни корупциски афери за време на владеењето на таа влада, кои што беа, или можеби ќе бидат тема и на онаа најавена борба против корупцијата, којашто ќе биде поддржана и од страна на нашите стратешки партнери. Затоа што вие не можете да водите борба против корупцијата во 2023 година и понатаму обвинувајќи функционери од 2007 или 2008 година, рече Наумовски.
Според него, дури и втората варијанта, за која се шпекулира, дека наводен договор помеѓу Заев и Мицкоски би бил за исклучување на ДУИ од власта, е малку веројатна.
ДУИ можеби е најсилната политичка партија на Албанците во Македонија, меѓутоа постојат други политички партии, кои што, доколку би нашле заеднички јазик можат природно да ја заменат ДУИ во власта. Не мора таа преку некаков инженеринг да биде исклучена. Доколку останатите политички партии на Албанците освојат повеќе пратеници од ДУИ, тие можат да бидат легитимен партнер на идната коалициска влада. Доколку, пак, се работи за некаква идеја да се исклучи целосно ДУИ од власта, таа не е компатибилна со оние комуникации и гласини коишто постојат дека во напорите за создавање на ново парламентарно мнозинство, покрај пратеници од владејачката коалиција кои што се дел од оние помали политички партии, покрај пратениците од СДСМ, постои комуникација и со пратениците токму од ДУИ. Што значи дека напорите за создавање на некакво ново парламентарно мнозинство, го вклучуваат токму ДУИ. Истовремено, не мислам дека доколку ДУИ повторно биде најсилната политичка партија на Албанците, било која идна влада ќе ја исклучи од комбинација за владин партнер, вели Наумовски.