Вести Свет

Повеќе од 160 лица сѐ уште се водат како исчезнати по поплавите во Тексас

Повеќе од 160 лица сѐ уште се водат како исчезнати во една општина во Тексас, четири дена по смртоносните и катастрофални ненадејни поплави кои зафатија делови од оваа американска држава, потврди гувернерот Грег Абот, додека надежта за пронаоѓање преживеани лица е сѐ помала.

Исчезнатите во најтешко погодената Општина Кер, вклучуваат пет девојчиња и еден советник од кампот Мистик, христијански летен камп за девојчиња лоциран на бреговите на реката Гвадалупе.

„Само во општината Кер има 161 лице кои се водат како исчезнати. И повторно, тоа е резултат на комбинираната работа на полицијата, 161 лице за кои сме сигурни дека се исчезнати. Знајте го ова, нема да запреме додека не го пронајдеме секое исчезнато лице. Исто така, знајте дека многу веројатно дополнително ќе додадеме уште лица на оваа листа“, изјави Грег Абот, гувернер на Тексас.

Досега најмалку 109 лица загинаа во оваа катастрофа, вклучувајќи и 94 во општината Кер..

Брегот по должината на реката Гвадалупе во централен Тексас се преполни со младински кампови кои се особено популарни во текот на летните одмори.

Дополнително, голем број на лица кои престојувале во најтешко поплавениот регион не биле регистрирани во кампот или хотелите, поради што засега е тешко да се знае со сигурност колку луѓе се исчезнати.

Со поплави е зафатена и американската држава Њу Мексико. Најмалку тројца луѓе се водат како исчезнати во планинско село во јужниот дел од оваа држава, откако монсунските дождови предизвикаа поплави.

Локалните власти испратија итен апел до жителите да се евакуираат на повисоки локации, откако водостојот во Рио Руидосо се зголемил речиси три метри за кус период, заради поројните дождови. Веднаш бил испратен апел за можни поплави во регионот, каде била уништена околната вегетација од неодамнешните шумски пожари.

Една жена, која се засолнила на безбедна локација, започнала да снима со својот мобилен телефон , кога во шок забележала дека водената стихија со себе ја носи и куќата на една од нејзините најдобри пријателки.

„Таа не живее тука во текот на сезоната на поплавите. Живее со пријатели или семејството. Всушност, сега не е тука. Беше трогателно да снимам и потоа да ја видам куќата на мојата најдобра пријателка, каде сум престојувала, дека реката ја носи со себе, заедно со сето останато“, рече Кејтлин Карпентер.

Екипите за брза реакција извршиле најмалку 85 спасувачки операции од брзи води во областа Руидосо, вклучувајќи ги и луѓето кои биле заробени во своите домови и автомобили.

Никола Илиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Нови шест земји на списокот на Трамп за повисоки царини

Дејан Дејан

(Видео) Скопје во огнен обрач, ветрот со „разбуди“ пожарот во Чучер Сандево и ја отсече Македонија од северната граница

Дејан Дејан

Грција испрати два канадера и копнени сили за гаснење на пожарот кај Дојран

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе