Најмалку 24 лица загинаа во Тексас откако обилни дождови предизвикаа ненадејни поплави во централниот дел на сојузната држава.
Најтешко погоден е округот Кер, каде за само неколку часа наврнаа до 25 сантиметри дожд. Реката Гвадалупе се излеа и нагло порасна за над шест метри, потопувајќи речни заедници, кампови и живеалишта за диви животни.
Спасувачките екипи користат чамци за да извлечат луѓе заробени од водата, додека локалните власти потврдија дека има повеќе загинати, но сè уште не се познати нивните идентитети.
Окружниот судија Роб Кели изјави дека не може да ги соопшти точните бројки, бидејќи дел од жртвите сè уште не се идентификувани.
Тој предупреди дека ситуацијата се развивала брзо и без доволно најава, иако локални новинари истакнаа дека навремено била издадена предупредувачка информација.
„Ова е најопасната речна долина во САД,“ рече Кели, објаснувајќи дека регионот често се соочува со поплави, но ваква силина досега не била забележана.
Гувернерот на Тексас, Грег Абот, потврди дека државата испраќа дополнителни ресурси и поддршка за погодените заедници во Кервил, Инграм и Хант. Тој апелираше до граѓаните да ги следат препораките на локалните власти и да избегнуваат патување низ поплавени области.
Метеоролозите предупредуваат дека нивото на реката сè уште расте, а дел од мерните инструменти се веќе под вода, што го отежнува следењето на ситуацијата.