Во преспанскиот крај, јаболкото не е само овошје. Тоа е традиција и главен извор на приход за речиси секое домаќинство. Овде, скоро 98% од семејствата поседуваат овоштарници – и го пренесуваат занаетот од генерација на генерација. Таков е и случајот со Панде Савевски, кој од дете е земјоделец. Тој искрено пред камерата на Телма признава каде завршува отпадот од јаболката.
„Јаболката што паѓаат ги фрламе по депонии. Ете видовте кога доаѓавме во овоштарникот ви покажав ниви кои до вчера беа полни со јаболка. Навистина се прави многу отпад од јаболка и со тоа се загадува околината. Затоа што јаболкото има многу ниска цена немаме многу волја да бидеме уредни и организирани отпадот да го носиме онаму каде што треба. Тоа е причината поради која има многу отпад и диви депонии во нивите. Околината си ја загадивме и еден ден таа ќе ни возврати“, вели Панде Савевски, земјоделец.
Илјадници тони гнили јаболка, но и гранки, сечени дрвја и амбалажи од пестициди завршуваат покрај патишта, на ниви или во диви депонии. Наместо да се рециклираат или искористат повторно, тие стануваат закана – за почвата, водата, воздухот и за луѓето. Во општина Ресен има над триесет диви депонии. Според градоначалникот Јован Тозиевски проблем е ниската свест кај граѓаните и недостатокот на инспектори, бидејќи само тројца инспектори треба да го контролираат Преспанскиот регион.
„Кубуриме со човечки ресурси. Се снаоѓаме со помош на секторот за животна средина итн. Се обидуваме со се она што имаме како ресурс да извршиме мониторинг и да спречиме фрлање на отпад“, вели ован Тозиевски, градоначалник на Општина Ресен.
Од Јавното претпријатие Пролетер велат дека и покрај напорите, без едукација нема напредок. Чистат еднаш неделно, купиле нови возила, планираат селекција, но проблемите остануваат.
„Потребно е едукација на луѓето и зголемување на нивната свест за да не постапат на тој начин да создаваат диви депонии“, изјави Марчел Русу, директор на ЈКП „Пролетер“.
Од невладиниот сектор предупредуваат дека расчистувањето не е решение, ако менталитетот остане ист.
„Не е проблем да се исчистат депониите. Проблем е што народот мисли дека ако ние сме исчистиле тие треба повторно да фрлаат ѓубре и да создаваат депонии“, вели Марија Ефтимовска од Еко герила „Преспа“
Од Министерството за животна средина велат дека постои план за управување со отпад на национално ниво, се со цел намалување на количината отпад.
„ Во март стартуваше кампања за подигнување на јавната свес за правилно управување со отпад. Вклучувајќи намалување на создавање на отпад, селекција и кој отпад каде треба да заврши. Таа кампања може да ја погледнат граѓаните на сите наши социјални мрежи“, вели Ана Каранфилова Мазневска од Министерство за животна средина и просторно планирање
Во Преспа се спроведува кампања Преспа, разбуди се за чиста животна средина, која има за цел да ја зголеми свеста на луѓето и управувањето со отпадот.
Новинар: Тамара Марковска
Снимател: Фахрудин Смаилагиќ