Украинските вооружени сили тврдат дека изминатата ноќ извршиле нов напад врз руска воздухопловна база во регионот Воронеж во кој биле стационирани борбени авиони од типовите Сухој Су-34, Су-35С и Су-30СМ.
Според украинската армија, во нападот врз воздухопловната база во градот Борисоглебск, погодени биле и депо со бомби, авион за обука и други борбени средства.
– Одбранбените сили продолжуваат да ги преземаат сите мерки за да ја поткопаат способноста на руските сили да напаѓаат цивилна инфраструктура и да ја принудат Руската Федерација да ја прекине својата вооружена агресија против Украина, објави командата на украинските вооружените сили на „Телеграм“.
Руското Министерство за одбрана потврди дека е извршен украински напад со беспилотни летала врз регионот Воронеж, но не споменува никаква штета.
Според руските медиуми, неколку украински беспилотни летала биле соборени изминатата ноќ.
Жителите слушнале експлозии на небото и виделе огнени топки, се вели во извештаите.
Гувернерот на Воронеж, Александар Гусев на „Телеграм“ објави дека има материјална штета, но дека нема информации за повредени.
Според руското Министерство за одбрана, 94 украински напади со беспилотни летала биле одбиени преку ноќ, од кои 34 биле во регионот на Воронеж.
Дополнително, две украински беспилотни летала биле соборени при пристапот кон Московскиот регион.