Сопственикот на погребален дом во Колорадо, Џон Халфорд, доби максимална казна од 20 години затвор за чување на, речиси, 200 распаднати тела во запуштена зграда и за испраќање на лажни урни на ожалостените семејства. Халфорд беше осуден за измама со федерална помош за време на пандемијата, прибирајќи, речиси, 900.000 долари, како и за измама со клиенти.
Обвинетиот признал вина за делата кои му се ставаат на товар. Истражителите откриле дека телата биле набиени едно врз друго во објект во малиот град Пенроуз, на околу два часа од Денвер. Покрај моралната и емоционалната штета што им ја нанел на стотици семејства, Халфорд и неговата сопруга ја користеле украдената пандемиска помош за луксузни купувања, како и естетски третмани. Карие Халфорд која, исто така, е обвинета, треба да се соочи со судски процес во септември.