Вести Македонија Топ вести

Нашиот животен сон стана реалност – Јован Филипоски и Лилјана Михајлоска, младоженци на годинашната Галичка свадба

Нашиот животен сон стана реалност, со автентична носија да чекориме по патеките на нашите претци. Задоволството и честа се огромни да се биде дел од Галичката свадба, живо сведоштво за македонската традиција, култура и обичаи, велат годинашните младоженци Јован Филипоски и Лилјана Михајлоска.

„Уште од мали нозе мечтаев да бидам зет на Галичката свадба, традиција која треба да се негува, која мене ми беше пренесена од моите баба и дедо, а потоа и од моите родители кои секоја година учествуваат и се дел од традицијата“, изјави Јован Филипоски, младоженец.

„Се чувствуваме многу среќно и гордо, но во исто време голема е одговорноста да се пренесе доследно оваа повеќевековна традиција пред илјадници посетители. Се надеваме дека сè ќе помине во најдобар ред и со нетрпение го очекуваме следниот викенд“, рече Лилјана Михајлоска, невеста.

Со богата програма која ја оживува вековната традиција на мијачкиот крај, со премиерна изведба на монодрама во чест на 150 години од издавањето на Тријазичникот на Ѓорѓија Пулески, што ќе биде изведена на мијачки дијалект, свадбарски обичаи, звукот на зурлите и тапаните, китење и поставување на свадбениот бајрак, симболичното „фрлање пушка“ од куќата на зетот и изведбата на свекрвиното оро започнува годинашната Галичка свадба.

„Многу ме радува фактот што младите имаат сè уште интерес да бидат дел од оваа манифестација со што се потврдува дека оваа манифестација е многу битна. Традицијата е многу битна, а традицијата и идентитетот ни даваат сегашност и иднина понатаму“, вели Огнен Караѓозовски од МЗ Галичник.

Во недела (13 јули), денот ќе започне со традиционалните „канење на мртвите“, „канење на кумот“, „бричење на зетот“ и „тргнување по невеста“, во чии рамки е и прочуениот обичај „гледање низ прстен“. Потоа следуваат испраќањето на невестата и дарувањето, како и венчавањето во храмот „Св. Апостоли Петар и Павле“. Настанот ќе заврши со свеченото испраќање на тапанџиите и зурлаџиите, кое го означува симболично затворање на свадбената церемонија.

Нина Стефанова

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Калајџиев: Сите влади кај нас практикувале реформски илузионизам, давајќи лажна надеж дека со измена на закони ќе се подобрат состојбите

Дејан Дејан

Петковска: Организацијата на судењето за пожарот во „Пулс“ ќе биде голем предизвик за Кривичен

Дејан Дејан

Трамп: Разочаран сум од Путин

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе