Многу брзо ќе има нови лекови на позитивната листа, вели министерот за здравство Азир Алиу во интервју за МИА. Во врска со недостигот на таблетарна хормонска терапија, посочува дека во оваа фаза тоа е веќе надминато или во некој случај има промена на лекот со соодветен лек, со цел граѓаните да не останат без терапија. Истакнува дека се прават напори за промена на процесот на порано распишување тендер.
Сега според законите се распишува три месеци пред да заврши претходниот тендер, а правиме напори со правниците и со правниот сектор кај нас да се овозможи тој да се распише шест месеци пред завршување на договорот, бидејќи ако првиот доцни автоматски тоа ќе значи ќе има недостиг на лекови еден временски период. За да не ни се случи тоа во иднина планираме да имаме шест месеци временска рамка и ќе бидеме сигурни ако во првите три месеци заради икс причини не е завршена постапката да може таа да се отвори и да заврши навреме, вели Алиу.
Укажувајќи на активностите за децентрализирање на онколошката терапија вели дека протоколите веќе се направени и идејата е да се дисперзираат дел од сервисите за онколошки пациенти, да се зема терапија не само на Клиниката за онкологија, туку и во неколку центри низ државата. Идеја е понатаму да се дооформи таа инфраструктура и тие апарати кои треба да се купат или да се обучи медицинскиот кадар и ценам дека ние многу брзо како Министерство за здравство ќе излеземе во јавност за да ги информираме граѓаните дека дел од пациентите кои бараат онколошки пристап ќе можат дел од процедурите да ги добијат во местото кај што живеат.
Во врска со напорите за решавање на проблемот со недостигот од здравствени работници и медицински сестри потенцира дека за да се креира експертски профил во една област во здравството минимум треба десет години и дека затоа почнуваат да мапираат потреби, инфраструктура, човечки ресурси и капацитети во здравствениот систем на ниво на земјата.