Вести Свет

Топлотен бран ширум Европа – повеќе земји бележат рекордни температури за овој период од годината

Голем дел од Европа е зафатен со топлотен бран и исклучително високи температури, присилувајќи ги властите на преземање вонредни мерки.

Жештини кои не се паметат во овој период од годината е генерална оценка, што секако говори и за последиците од климатските промени.

Во Франција, црвен аларм за високи температури е објавен во Париз и други 16 региони ширум земјата. Повеќе од 1300 училишта во државата беа делумно или целосно затворени денеска а на бројните посетители кои сакаа да се искачат на Ајфеловата кула денеска им беше кажано дека може да ги посетат само пониските платформи а не и да се искачат до врвот на најголемата туристичка атракција во Париз.

Традиционално, една од европските држави со највисоки температури е Шпанија, но дури и жителите на Мадрид, не паметат толку високи температури во јуни и почетокот на јули.

Дигиталниот термометар во Мадрид денеска измери 46 степени целзиусови а пеколните горештини се предвидува да продолжат и во текот на утрешниот ден.

„Денеска е многу лошо, но и вчера не беше многу подобро од денеска. Значи, едноставно гледаме да преживееме, ништо повеќе. Тешко е да се спие. Јас спиев многу лошо, многу лошо, не можев да заспијам до зори, затоа што во текот на ноќта е невозможно заради ужасните горештини, толку е жешко“ – вели 63-годишниот жител на Мадрид, Мигел Анхел Сопера.

Топлотниот бран ги однесе и првите две жртви во Италија, каде еден човек починал во Болоња, откако му се слошило на градежен објект а уште една жена починала во Неапол.

Жешкото време и температурите над 40 степени во Рим, ги присилуваат туристите и локалните жители спасот да го бараат во обидите да се разладат со водата во некоја од бројните фонтани.

Италијанскиот Црвен Крст постави повеќе шатори разладени со клима уреди, на клучните локации во градот кои се најчесто посетувани од бројните туристи, од Колосеумот до Ватикан.

„Ние нудиме вода, разладување и места со сенки. Во собата зад мене нудиме и основна здравствена нега“ – изјави Мартина Фистето од Црвениот Крст на Рим.

Италијанското министерство за здравство објави црвено предупредување за топлотни бранови за 17 градови ширум Италија. Покрај Рим, вакво предупредување е објавено и за Фиренца, Торино и Милано. Температури меѓу 12 и 16 степени над вообичаените за овој период од годината се измерени и во Холандија, додека во Португалија , каде минатиот месец беше најтопол јуни во историјата на државата, горештините продолжуваат и денеска, при што во повеќе места се измерени 43 степени целзиусови.

 

Температурата од 34 степени кои беа измерени денеска и 37 степени кои се очекуваат во текот на утрешниот ден во повеќе градови во Чешката република, вклучувајќи ја и Прага, споредбено со останатиот дел од Европа не делуваат премногу високо, но сепак и во оваа држава се над вообичаениот просек.

Надлежните во зоолошката градина во Прага, со повеќе тони мраз се обидуваат да им помогнат на животните да се справат со екстремните горештини, особено оние кои во својата природна животна средина не се соочуваат со вакви температури.

 „Минатата година, започнавме со проектот „ЗОО под мраз“, каде им даваме мраз на одбраните видови животни. Доставуваме 10 тони мраз на деновите кога временската прогноза вели дека ќе биде многу топло, со температури над 30 степени целзиусови“ – рече директорот на зоолошката градина во Прага, Мирослав Бобек.

Најсреќни од мразот секако беа поларните мечки Алеут и Грегор, кои се разладуваа, тркалајќи се во него.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Мицкоски: Во ребалансот на буџетот е предвидено покачување на пензиите

Дејан Дејан

Периодот на консолидирање и стабилизација е завршен, почнуваме да генерираме раст – Мицкоски за македонската економија

Дејан Дејан

Два автомобила со материјали и полициска придружба – транспорт на предметот за пожарот во „Пулс“ на пат од Кочани кон Скопје

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе