Оние ученици кои не успеаја да се запишат во првиот рок во средните училишта денеска добиваат втора шанса. Меѓу нив се и оние 27 одлични ученици кои во првиот уписен рок не се запишаа во гимназијата „Георги Димитров“, бидејќи на тестирањето не добија ниту третина од можните поени.
Според уписот во првиот рок интересот за стручните училишта е поголем. Двојно повеќе ученици се запишале во стручни училишта, отколку во гимназии.
Изминатава недела се спроведе тестирање во гимназијата „Георги Димитров“, откако 309 ученици конкурираа за 238 слободни места. Од нив 39 беа примени преку поени од натпревари, а другите преку квалификациски тест, а од нив 199 се запишаа во гимназијата.
Оваа година уписот се врши електронски, но учениците сè уште мораат да ги достават документите во училиштата.
Според министерката за образование Весна Јаневска, тоа ќе биде само оваа година. Од наредната година најави дека системот ќе биде дигитализиран.
„Од идната година кога веќе масовно ќе го пуштиме во употреба новиот надграден електронски дневник од 1-ви септември предвидено е училиштето да ги прикачи сите документи кои ќе му требаат на ученикот за упис“, изјави Весна Јаневска, министерка за образование и наука.
Најавена е и новина со свидетелствата, кои од наредната учебна година ќе се издаваат само во електронска форма, а хартиените ќе се укинат.
„Од следната година самиот систем ќе може да ги вади свидетелствата. Тој процес моментално е во изработка. Нема да мора да печатиме, со тоа ќе заштедиме на хартија. Тие и така не им се потребни во основно туку само за упис во средно. Но, бидејќи училиштата ги бараат свидетелствата системот сам ќе ги повлече во електронска форма“, додаде Јаневска.
Конечната ранг-листа со резултати од запишувањето ќе биде објавена на 2-ри јули. Доколку во некое училиште има поголем број ученици со исти бодови ќе се организира квалификациско тестирање.
Тамара Марковска