Српските власти соопштија дека целосно е нормализиран сообраќајот во Белград, откако полицијата во текот на ноќта ги отстрани сите блокади поставени од страна на студентите и граѓаните. Претходно беа блокирани клучни улици, раскрсници и мостови, предизвикувајќи целосен застој во движењето низ главниот град.
Во исто време, беа приведени неколку лица кои, според полицијата, пружале отпор и го нарушувале јавниот ред и мир. Апсењата доаѓаат како продолжение на вчерашните случувања, кога по масовниот протест на Видовден, беа приведени десеттина млади лица, главно студенти, што дополнително ги разгневи демонстрантите.
И покрај интервенцијата на полицијата, студентските групи утрово порачаа дека нема да се откажат од протестите. Тие повикаа на нови блокади и граѓанска непослушност во текот на денот, барајќи итно ослободување на приведените и ставање крај на, како што велат, политичката репресија од страна на властите.