Геополитичка изолација, наместо интеграција и напредок. Остра е оценката од лидерот на социјалдемократите, Венко Филипче, по една година власт на ВМРО-ДПМНЕ и партнерите.
Претседателот на СДСМ ставот го базира на реализацијата на реформската агенда и на неискористените милиони евра од ЕУ.
Во петокот, Собранието усвои само неколку закони од реформскиот пакет, од кои најголемиот дел се за дигитализација и сајбер-безбедност.
Со реформите во јунскиот рок „затаија“ министерствата за енергетика, за економија, за финансии, како и Правда. Филипче го впери прстот во нив, пред да заклучи дека власта повеќе ја интересираат скапите кредити од други држави.
„Најпрво реформската агенда, степенот на реализација, укажува дека исклучиво поради неспособноста на Владата, повеќе од 43 милиони евра се практично неискористени. Истовремено, Владата не го оправдува ниту пак го става во функција авансот од 52 милиони евра од Планот за раст на ЕУ. Очгиледно е дека повеќе се интересираат за скапите кредити наместо за бесплатните средства кои се поддршка за реформите кои ги бараат граѓаните“, вели Венко Филипче, претседател на СДСМ.
Европската иднина на Македонија беше во фокусот и на посетата на Берлин, од страна на претседателот на СДСМ.
„Лобирав во име на државата и во име на партијата“, уверува Филипче, по средбите со повеќе европарламентарци, каде што ги бранел позициите на Македонија.
Ги повика и политичките опоненти од власта, заедно да лобираат против амандманот за придавка „современ“, пред македонски јазик.
„Јас го дадов својот максимум таму, се сретнав со сите можни европарламентарци коишто беа присутни. Имаше и гости во Берлин, не беа само од СДП од Германија. Се надевам дека ќе има резултат. Но, сите констатираат една работа дека таквите додавки на македонскиот јазик доаѓаат како резултат на провокациите коишто доаѓаат од нашата Влада. Тоа е сериозно влошување на нашата положба во ЕУ. И сега сакам да упатам уште една директна порака, сакам да апелирам до ВМРО-ДПМНЕ заеднички да лобираме тоа да не се случи. Да нема таков амандман во Европскиот парламент“, вели Филипче.
Комитетот за надворешни работи на ЕП пред една недела го усвои извештајот во неговата изворна форма, без поднесениот амандман, но конечното гласање на пленарка во Стразбур треба да се случи најдоцна за десет дена.
Од бугарска страна најавија дека повторно ќе го поднесат истиот амандман.
Петар Догов