Тешка сообраќајна несреќа со две жртви, во која учествувал и македонски камионџија, ја потресе Грција. Фаталната несреќа се случила вчера попладне, околу 16 часот, на стариот пат Солун–Верија. Животот го загубиле татко и 13 годишен син, додека мајката и нивното 9 годишно девојче се здобиле со повреди.
Како што пренесуваат грчките медиуми, патничкото возило во кое се наоѓало четиричленото семејство, кое се враќало од пазарење во Солун, се судрило со камион на делницата меѓу Халкидона и Лудија.
Во силниот удар, 44 годишниот возач и неговиот син кој седел на предното седиште, загинале на лице место, откако останале приклештени во уништеното возило. За нивното извлекување интервенирале девет пожарникари со три возила од Противпожарната служба.
43-годишната сопруга на загинатиот и помалото дете се здобиле со полесни повреди и скршеници. Тие биле пренесени во болницата, според лекарите, се надвор од животна опасност.
Возачот на камионот, 34-годишен државјанин на Македонија, бил приведен веднаш по несреќата. Алкотестот покажал дека не бил под дејство на алкохол. Пред истражните органи изјавил дека автомобилот одеднаш навлегол во неговата лента, по што дошло до сударот, пишуваат медиумите во Грција.
По наредба на надлежниот обвинител, тој е пуштен на слобода. Сообраќајната полиција ги истражува сите околности на трагичниот настан.
Во меѓувреме, и во Македонија е зголемен интензитетот на сообраќај на сите патни правци, особено на граничните премини. Најголеми гужви има на граничниот премин Богородица, каде што времето на чекање за излез од државата се движи од 30 до 40 минути.
На Табановце, чекањето за влез и излез е од 15 до 30 минути, а на преминот Дојран од 20 до 30 минути. На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања.
Емилија Мисирлиевска