До 100 илјади евра би добил млад брачен пар што ќе се врати да живее на село и ќе се занимава со земјоделска работа во следните десет години. Ваква стимулативна мерка предвидува новиот предлог закон за земјоделство и рурален развој.
Дали овие пари ќе бидат привлечни за младите да станат градинари и фармери?
Возрасните луѓе од струмичко Банско се скептични дека младите повторно би се вратиле на селскиот и земјоделски живот. Пред сѐ бидејќи и тие не гледаат перспектива во земјоделието.
Долг сончев ден, жештина и земјоделска работа што никогаш не завршува. Тоа се веројатно некои од константите на летото, барем по струмичките села. Земјоделската работа бара ангажман од сите-од деца до старци, секој според своите можности се вклучува во семејната работа.
Брачниот пар Ферадови длабоко навлегува во осмата деценија од животот, но и покрај староста и болестите, сушат пиперки во својот двор. И за нив земјоделската работа не е она што младите би го сакале за себе.
Намалување на бројот на жители во селата, но и сѐ повеќе необработена земја. Статистиките се вакви дури и за најголемите села во Струмичко, со развиени земјоделски стопанства.
Поразителната реалност е дека младите не се гледаат како земјоделци, а многу од нив и иднината не ја гледаат во земјава. Тоа го покажуваат и се помалите паралелки во училиштата.
Министерството за земјоделство предвидува и дополнителни мерки и субвенции за млади земјоделци во своите годишни програми. Веруваат дека со правилен пристап кај младите ќе се врати надежта во земјоделието и дел од нив ќе почнат своја земјоделска дејност.
Сузана Мицева