За околу 2 и пол милиони евра се продаваат пет станови на поранешниот премиер Никола Груевски кои беа конфискувани во случајот ,,Плацеви на Водно”. Агенцијата за одземен имот ги огласила за продажба на 25 јуни.
Лускузните три стана со поглед од Водно накај Скопје се со површина од по околу 200 метри квадратни и дополнително со тераси од по 50 метри квадратни. Се продаваат по 850 илјади евра. Третиот е огласен на речиси 760 илјади евра. Неговата површина е околу 150 квадрати, но има тераса од 95 квадрати со џакузи на неа.
Далеку поевтини се двата стана на „Бихаќка“, каде Груевски и живееше пред да избега во Будимпешта. Овие два стана, како што беше обелоденето во јавноста Груевски ги користел како библиотека и како работна соба. Поголемиот од 57 метри квадратни се продава за 63 илјади евра, а помалиот од 38 квадрати, по цена од 44 илјади евра.
На оглас е ставено и градежното земјиште во Богородица, кое му беше одземено на поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков откако се спогоди со обвинителството и призна вина во случајот „Империја“. Од продажбата на земјиштето со вкупна површина од речиси 19 илјади метри квадратни државата очекува да инкасира околу 916 илјади евра.
Со новиот Закон за управување со одземен имот, кој беше донесен во март повеќе нема да може овој имот да го купат членови на нивните семејства, како што беше случај претходно кога три стана на Водно кои беа дел од одземениот имот на Мијалков ги купи фирмата на неговиот син.
Се уште не се ставени на оглас плацевите на Водно, кои исто така беа одземени од Груевски. Во разговор за Телма уште во февруари директорката на Агенцијата за управување со одземен имот, Ирена Илиевска изјави дека се проценети на 5,8 милиони евра. За нив треба Владата прво да даде дозвола за да се стават на продажба.
Груевски, во 2018 година, по објавувањето на затворската казна за случајот „Тенк“, побегна во Унгарија каде што доби политички азил. За случајот „Плацеви на Водно“ експремиерот беше осуден на девет години затвор, бидејќи со парите од донации во ВМРО-ДПМНЕ си го купил имотот.
Марија Митевска
Ќе се продава одземениот имот на Груевски и Мијалков, проценет на 29 милиони евра